Дамјан Стојановски официјално потпиша договор, останува во МЗТ Скопје уште две години

МЗТ Скопје Аеродром задржа две важни алки во клубот, а едната од нив, Дамјан Стојановски и официјално денеска потпиша двегодишен договор.

И тренерот Ѓорѓи Кочов останува во клубот, па јасно е дека Металците се подготвуваат за новата сезона со потпис на нови договори со проверени кадри.

Стојановски се обврза да го носи синобелиот дрес и во следните две сезони и на тој начин ќе заокружи цела декада како играч во дресот на Штрковите, што дефинитивно ќе биде остварување за респект и за историјата.

Зад Дамјан е можеби најдобрата сезона во кариерата, и тоа со просек од 14,8 поени, четири скока и 1,6 асистенции на 22 средби во АБА 2 лигата и од 15,3 поени, 4,8 скока и 2,1 асистенции на 15 средби во домашната Прва лига.

Македонскиот репрезентативец досега има пет шампионски титули (2013, 2014, 2015, 2016 и 2019 година) и шест трофеи во Купот на Македонија (2007, 2009, 2013, 2014, 2016 и 2018), а четирипати беше избран за најкорисен МВП-играч во финалните серии од домашното првенство.

- Оглас -

Најнови вести