Гоце Седлоски ќе биде уште еден македонски адут за титула во Лигата на шампионите, покрај Елиф Елмас, а репрезентативецот со 100 настапи за нашата А селекција ќе се обиде со младинците на Динамо Загреб да го освои вредниот пехар.
УЕФА одлучи Лигата на шампионите за фудбалери до 19 години да продолжи во август со плејоф на осумте најдобри екипи, а меѓу нив е и Динамо, чиј тренер е Седлоски.
Ќе се игра во Нион, Швајцарија, а популарните Модри во четвртфиналето ќе играат против Бенфика на 18 август. Требаше да се игра во Загреб, но поради пандемијата со ковид-19, се смени форматот и за првпат ќе се игра фајнал-ејт турнир по нокаут-систем.
Ако Динамо ја победи Бенфика, ќе игра полуфинале против победникот од дуелот меѓу Ајакс и Митјиланд на 22-ри август.
Финалето и мечот за титулата е закажан за 25 август.
Во сениорската Лига на шампиони адут ни е Елиф Елмас, а Наполи најпрво треба да направи подвиг во реваншот од осминафиналето против Барселона на „Камп ноу“ за да продолжи да се надева на европската круна. Тој меч ќе се игра на 7 август, а првиот дуел во Неапол заврши нерешено, 1:1.