Победа е кошмар за Шкендија, славеше и во Купот

Прилепска Победа се претвора во вистински кошмар за Шкендија. Македонскиот првак вторпат за помалку од два месеци е поразен на свој терен во Тетово од Победа. Откако на 26-ти септември Победа се радуваше со 2-0 во првенствен меч, попладнево прилепчани минимално со 1-0 победија на гости во првиот меч од четврт-финалето Купот на Македонија.

Камерунскиот напаѓач Јаник Макота е човекот кој ѝ донесе победа на Победа, откако погоди уште во 19-тата минута. До крајот на средбата, тетовци се обидуваа да израмнат, но не успеаја. Ако се знае дека Победа се радуваше против Шкендија и на дуелот одигран во април оваа година, прилепчани успеаја да наредат три победи во низа против шампионот и се поблиску до полуфиналето.

Македонија Ѓорче Петров се врати на победите без примен гол на свој терен. Бразилецот Робсон да Силва погоди во 48-мата минута и тоа беше доволно „лавовите“ да слават со 1-0 пред реваншот на теренот на „романтичарите“.

Победи во првите мечеви од четврт-финалето остварија и двете струмички екипи. Академија Пандев со 3-1 го победи второлигашот Кораб, додека Беласица успеа да слави на гостувањето кај Силекс со 2-0 и на тој начин да биде многу блиску до влез меѓу најдобрите четири екипи во Купот.

Реванш-дуелите од четврт-финалето се закажани за петти декември, кога ќе бидат познати и екипите кои ќе обезбедат место во полуфиналето.

 

- Оглас -

Најнови вести