Криза кај Лилјаците – Валенсија со напаѓачи што вредат стотици милиони евра не шутна кон голот 180 минути

Фрапантно делува податокот дека поранешниот двоен европски вицешампион Валенсија одигра два меча без притоа да шутне кон голот.

Или цели 180 минути, плус судиските продолженија против Еибар и Вилјареал на Лилјаците им минаа без офанзива и директен удар кон голот на ривалите.

Тоа е огромно изненадување ако се знае дека Валенсија има светска класа офанзивци, дел од нив членови на шпанската репрезентација или потенцијални репрезентативци што вредат заедно стотици милиони евра.

Родриго Морено, кој е член на шпанската репрезентација, беше цел на Реал Мадрид и е проценет на околу 100 милиони евра, но беше премногу тивок против Еибар и во локалното дерби со Вилјареал вчера.

Карлос Солер и Гонкало Гуедеш исто така се многу ценети офанзивци, а со нив и со Родриго потфрли еден од најбараните млади играчи на европскиот пазар, Феран Торес.

За него има интерес од неколку гиганти, а Валенсија бара отштета од 100 милиони евра. Феран лани со два гола во финалето на Европското првенство за играчи до 19 години ѝ ја донесе и титулата на Шпанија, по триумфот против Португалија, а блескаше во првиот дел од сезоната и во Ла Лига.

Но, сега и тој и сите останати офанзивци на популарните Лилјаци играат мизерно, а ако продолжат во ист стил, тешко дека Валенсија ќе игра во европските купови во следната сезона.

На шест кола до крајот на првенството, Валенсија е на осмото место, кое не води во Лигата на Европа и многу брзо и треба да се разбудат напаѓачите и со голови да го прекинат изненадувачкиот пост од два меча без директен удар кон голот на ривалите.

Следниот предизвик е сериозен, а Валенсија ќе мора да атакува на победа против Атлетик Билбао, задутре на „Месталја“ во меч против тим што им е конкурент за позициите што водат во Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести