Алберт Селадес веќе не е тренер на Валенсија. Клубот вечерва официјално објави дека се разделиле со Селадес и дека екипата во наредниот период ќе ја води Салвадор „Воро“ Гонзалес. Можеби популарниот Воро ќе остане до крајот на сезонава, а потоа се зборува дека функцијата ќе ја преземе баскиецот Ернесто Валверде, кој до пред половина година ја водеше Барселона.
Поразот од Вилјареал е последната капка која ја прели чашата кај раководството на Лилјаците. Валенсија речиси и да нема шанса да се пласира во Лигата на шампионите, а моментно е надвор од позициите на табелата кои водат во Европа, па во последните шест кола ќе се мачат и за место во Лигата на Европа.
Лошите резултати (8 порази и само две победи во последните 13 меча) не се единствена причина за отказот на Селадес. Тој имаше лоши односи во последно време со некои играчи кои јавно ги критикуваше. Селадес беше тренер на Валенсија од септември.