Манчестер сити со 6-0 го растури Шахтар на „Етихад“ во рамките од четвртото коло во Лигата на шампионите. „Граѓаните“ лесно стигнаа до овој триумф, но една комична сцена и лоша проценка на главниот арбитер им помогна да стигнат до својот втор гол.
Имено, Стерлинг беше во ситуација да шутира во казнениот простор на Украинците, но, тој во обид да ја шутне топката, се сопна и падна, а судијата досуди најстрога казна против Шахтар, а Жесус од белата точка зголеми на 2-0. Гвардиола по мечот истакна дека не постоел никаков пенал за неговата екипа и потенцираше дека технологијата ВАР е потребна во вакви ситуации.
„Не беше пенал, тоа е јасно како ден. Но, во Лигата на шампионите нема начин таквите моменти да се проверат веднаш на теренот. Затоа технологијата ВАР е неопходна, голем проблем е што моментално не се користи. Судиите често знаат да направат вакви грешки, но минатата сезона и нас нè оштетија во дуелот со Ливерпул. Не е убаво да се постигне или победи со таков гол, затоа УЕФА треба добро да размисли и да го воведе ВАР и во ова натпреварување“, истакна Пеп по средбата.
Свое видување на ситуацијата даде и Стерлинг, а Англичанецот му се извини на судијата непосредно по натпреварот со Шахтар.
„Не знам што се случи. Не почувствував никаков контакт, само сакав да ја шутнам топката и паднав. Му се извинувам на судијата“, истакна Стерлинг.
Погледнете ја уште еднаш ситуацијата по која Сити доби пенал во своја корист:
https://twitter.com/Superbru/status/1060269402644451330?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1060269402644451330&ref_url=https%3A%2F%2Fsportmanija.mk%2Fkade-gledaat-sudiite-dosuden-nepostoechki-penal-za-siti-video%2F