Последната ждрепка за оваа сезона во Лигата на шампионите ги одреди паровите за четвртфиналето и полуфиналето во елитното клупско натпреварување во Европа. УЕФА реши извлекувањето да се направи пред да бидат познати сите четвртфиналисти, но тимовите ќе имаат време да се подговат и да прават планови за патувањето во Лисабон, каде што ќе се одржи историската и досега невидена завршница во ЛШ.
Четвртфиналните двојки се: Манчестер сити/Реал Мадрид – Јувентус/Лион (меч број 1), Лајпциг – Атлетико Мадрид (2), Барселона/Наполи – Баерн/Челзи (3), и Аталанта – ПСЖ (4).
Во полуфиналето се среќаваат Победник од мечот 1 – Победник од мечот 3, Победник од мечот 2 – Победник од мечот 4.
ПСЖ и Атлетико имаа среќа, но тоа е само на хартија. Поради тоа што се игра само еден меч, изненадувањата се можни и сите тимови имаат шанса да дојдат до финалето.
Финалето е на 23 август, на стадионот „Луж“ во Лисабон. Сите мечеви ќе се играат во главниот град на Португалија, без публика.