Ќе реагираат ли ФИФА и УЕФА? Фудбалерите почнаа да потпишуваат договори со фирми

Нов тренд се појави во фудбалот, а прашање е како ќе реагираат ФИФА и УЕФА на информацијата дека Алжирецот Ишак Бусуф потпиша петгодишен договор со Сити фудбал груп, корпорација која има акции во неколку клубови на планетата.

Бусуф, или како што го нарекуваат во Алжир, новиот Марез веднаш е префрлен во белгиски Кортријк, клуб кој е само еден од неколкуте во созвездието на Сити фудбал груп, мултинационална компанија што под своја капа има клубови од Англија, Белгија, Шпанија, САД, Австралија, Уругвај, Јапонија, Индија и Кина.

Најпознат клуб е Манчестер сити, кој беше купен од Сити фудбал груп во 2008 година за околу 250 милиони евра, а има вложено и дополнителни 500 милиони евра во ланскиот шампион на Англија.

ФИФА строго забранува да се мешаат менаџерските работи со раководење на клубовите од исти сопственици, или луѓе и фирми, што сега во случајот на Бусуф значи прекршување на фудбалските закони.

Манчестер сити беше под лупата на ФИФА и на УЕФА за прекршување на финансискиот фер-плеј, но и покрај најавите дека ќе биде казнет со двегодишна суспензија за настапи во Лигата на шампионите, речиси сигурно е дека тоа нема да се случи.

Алжирецот има 18 години и досега играше за Сетиф, клуб кој ќе добие 900 илјади евра и 10 проценти од следниот трансфер.

 

- Оглас -

Најнови вести