Матје Валбуена вечерва од 21 часот ќе го предводи грчки Олимпијакос во премиерата во Лигата на шампионите против својот поранешен клуб Олимпик Марсеј.
Некогашниот фудбалски миленик на познатиот навивачки Коп на „Велодром“ играше 8 сезони за Олимпик Марсеј, но потоа ги разочара тие што најмногу веруваа во него, симпатизерите на 10-кратниот француски првак.
Матје најпрво замина во Динамо Москва и тука немаше ништо спорно, но од Русија во 2017 година се врати во Франција и потпиша за Олимпик Лион.
Тоа не им се допадна на навивачите на Марсеј, кои се познати во светот на фудбалот како едни од најлојалните, но и најбунтовни, особено во Франција.
Сепак, Матје вели дека тоа е заборавена епизода и кај него и кај навивачите на најтрофејниот француски клуб, кој има 10 титули како и Сент Етјен.
„Марсеј и јас сме поврзани за цел живот. Таа приказна е вечна за мене“, вели Валбуена. Веќе е ветеран на 36-годишна возраст, а вечерва за него е посебен меч против клубот што му е во срцето.
Мечот што ќе се игра на „Караискакис“ во Атина ќе биде прв во Грција со публика по пауза од 7 месеци. Досега двете екипи играле меѓу себе четири дуели во европските купови и Марсеј е поуспешен со три победи и еден пораз.