Академија ФМП го изненади Гостивар во премиерното коло од новата сезона во Првата кошаркарска лига на Македонија, со победа на домашен терен од 84:75. Гостиварци иако влегоа во мечот како фаворити, беа надиграни откако постигнаа само 33 поени во првото полувреме.
Со 24-19 екипата на Марјан Србиновски ја освои третата четвртина по што гостите притискаа за резултатски камбек, но ФМП го издржа тој притисок и со изненадувачка победа тргна во новата сезона.
Крстајиќ со 23 поени ги предводеше домаќините, Армстед со 19 поени и 7 асистенции беше светла точка од редовите на Гостивар.
Во вториот натпревар од првото коло кој почна во 18 часот, Куманово славеше на гостувањето кај дебитантот ТФТ со минимални 83:82 . Кумановци ја оправдаа фаворитската улога, а патот кон триумфот им беше отворен откако во вториот период гостите ја остварија двоцифрената предност.
ТФТ направи јуриш кон изненадување и во последните мигови успеа да намали на само кош разлика, но сепак немаше сили за сензација. Андрејевиќ со 18 поени и 8 скока беше најефикасен за Куманово, Лачан со 20 поени брилјираше за домаќините.