Репрезентациите на Швајцарија, Португалија и Англија го чекаат последниот полуфиналист за плејфот во Лигата на нациите во Сегментот А. Франција или Холандија ќе бидат последниот патник во трката за освојување на Лигата на нациите и пласман на Европското првенство во 2020 година.
Светскиот првак Франција е лидер во Групата А со 7 бодови, но ги одигра сите четири меча. Затоа „галските петли“ вечерва ќе го чекаат исходот од дуелот меѓу Германија и Холандија. Домаќинот е речиси без никакви мотиви, бидејќи „панцерите“ се сигурно последни во оваа конкуренција и ќе испаднат во Сегментот Б.
На Холандија доволно ќе ѝ биде да освои и еден бод на гостувањето, бидејќи така ќе се израмни со Франција со по 7 бодови. Во таква ситуација, „лалињата“ ќе бидат првопласирани благодарение на подобриот скор во меѓусебните дуели. Франција на свој терен победи со 2-1, но на гости пред неколку дена загуби со 2-0, па затоа во случај на еднаков број бодови, „лалињата“ ќе се приклучат на трите првопласирани од останатите групи.
Покрај мотивот, на страна на Холандија е и традицијата. Од последните 10 меѓусебни средби, Холандија само двапати загубила од Германија. „Лалињата“ петпати се радувале на победа, а три средби завршиле нерешено.