Германската фудбалска репрезентација ја имаше една од најслабите години во историјата. Некогашниот светски и европски првак очајно се претстави на Мундијалот во Русија, каде што испадна уште во групната фаза. Дека тоа не е случајно, се покажа на дуелите од Лигата на нациите. „Панцерите“ во групата со Холандија и Франција се убедливо најслаби и затоа ќе испаднат од Сегментот А.
Многумина се чудат како може резултатите на германската репрезентација да бидат толку слаби ако се знае дека селекторот со кого ја освоија мундијалската титула во 2014 година е уште на клупата, а и поголемиот дел од репрезентативците се истите. Некогашниот германски репрезентативец Ханс Петер Бригел има свое објаснување за тоа кој е виновен за слабите резултати на Германија.
„За слабите резултати на Германија, виновен е Пеп Гвардиола. Тој вели дека за победа е доволно да ја држите топката 75 отсто во свој посед. Но не е така. Во фудбалот многу поважно од контролата на топката е кој е резултатот. Само контрола на топката не е доволно за победа. Се надевам дека ова кај нас е само минлива криза која не се случува прв пат, а сигурно нема да биде ни последен пат“, рече Бригел во своето објаснување и барање на виновникот.
Гвардиола никогаш не бил селектор на Германија, но три години седеше на клупата на Баерн Минхен, тимот кој дава најголем број од репрезентативците. Гвардиола во Баерн настојуваше фудбалерите да имаат што е можно поголема контрола на топката, што впрочем се наведува како главен фактор за менување на филозофијата на играта на националниот тим на Германија.