Дибиров: Дуелите против Келце се ракометна класика

Вардар утре на свој терен во „Јане Сандански“ ќе ги продолжи мечевите од ракометната Лига на шампиони, а на гости доаѓа екипата на Келце. Полскиот тим е еден од ретките кои може да се пофали дека има позитивен бiланс во дуелите со актуелниот европски првак.

Црвено-црните досега имаат одиграно десет натпревари со овој ривал. Келце се радувал дури шестпати, Вардар има три победи, а еден меч е завршен нерешено. Еден од најискусните кај Вардар, Тимур Дибиров, вели дека нема предавање и секогаш македонскиот првак оди на победа, посебно на свој терен.

„Дуелите меѓу Вардар и Келце се како ракометна класика. Секогаш е многу тензично интересно и неизвесно. Подолго време немавме играно ниеден меч, но на дуелот против Фленсбург се покажа дека тоа не мора да претставува некој поголем проблем. Келце е еден од најтешките противници. Во своите редови имаа многу креативни играчи како Карачиќ и Душебаев, а одлични се и на пикерската позиција. Ќе биде тешко, но наша шанса е тоа што играме на домашен терен. Верувам во нашата екипа, секогаш одиме да го дадеме максимумот“, вели Дибиров.

Според Кристијан Дисингер, проблем за Вардар е тоа што во последните три месеци има одиграно само три натпревари, додека ракометарите на Келце се во полн натпреварувачки ритам.

„Цела сезона е многу тешка за нас. Не играме и не знаеме во каква форма сме во моментов. Тоа е многу тешко за нас. Не играме дури ни во домашното првенство. Искрено не можам да очекувам ништо од дуелот со Келце затоа што одигравме три меча во три месеци. За разлика од нас, Келце одигра шест меча во Лигата на шампионите, игра во домашното првенство и е во полн интензитет… Ние три месеци се обидуваме да ја почнеме сезоната. Сакаме да победиме, но секако нема да биде лесно“, вели Дисингер.

 

- Оглас -

Најнови вести