Полските фудбалски таленти на возраст до 21 години приредија вистински подвиг и со победа од 3-1 на гостински терен ја елиминираа Португалија, иако дома загубија со 0-1.
Бараж-мечот во Шавес, домаќините го почнаа со огромна предност од 1-0 од првиот дуел во Полска, но гостите приредија неочекувано гол-шоу. Со три гола само за 25 минути најавија сензација, а неа не ја спречи ниту голот на Диго Жота во 52-рата минута за Португалците.
До крајот на мечот, апсолутниот фаворит напаѓаше, но Полјаците имаа рецепт за офанзивата на Португалија и ќе играат на ЕП следната година во Италија и Сан Марино.
Вториот реванш-меч од баражот меѓу Австрија и Грција е во тек. Австријците имаат предност по победата на гости со 1-0, а тие играа со Македонија во квалификациската група.