Навивачи на Бока јуниорс уште кога дознаа дека клубот ќе држи отворен тренинг, почнаа да се собираат пред стадионот „Ла Бомбонбера“ и да чекаат да се отворат вратите за да им дадат поддршка на фудбалерите пред саботното гостување во реваншот од Копа Либертадорес кај лутиот градски ривал Ривер плате.
Тренингот е закажан за 22 часот по македонско време, а фановите на Бока веќе 12 часа трпеливо чекаат пред вратите. Пасијата кон клубот е огромна кај нив, не сакаат да ја пропуштат шансата да им дадат мотив на играчите.
Од Ривер плате објавија дека пред мечот нема да има кореографија и мозаик од картони, туку 35.000 балони и она што е традиционално за аргентинските стадиони, ленти, кои ќе ги има 450 на број.
Атмосферата ќе потсетува на меч од полуфиналето на Копа Либертадорес од 2015 против Тигрес. На трибините ќе има 66.266 навивачи на „милионерите“, Суперкласикото ќе биде спектакл.