Четвртфиналето на Мундијалот почна и заврши со драма – Франција се извлече по продолженија против Унгарија

Најтрофејната ракометна нација на Мундијалите, Франција, се намачи за пласман во полуфиналето на СП во Египет и мораше да игра продолженија за победа од 35:32 против Унгарија.

Французите ќе играат во полуфиналето против хитот на Мундијалот Шведска, а за вториот финалист ќе одлучуваат Шпанците и Данците.

Триколорите имаа чиста победа во регуларниот дел, водеа со 30:27 во финишот, но Унгарците со три гола по ред израмнија на 30:30 и се изборија за продолженија од двапати по пет минути.

Во дополнителното време фаворитот беше сигурен и славеше победа од 35:32. Ветеранот Гигу беше најефикасен со шет гола во победничкиот табор, а ист учинок имаше и Банхиди кај Унгарците.

Шпанија ја елиминира Норвешка на убедлив начин со победа од 31:26, а блескаше голманот Коралес со неверојатни 19 одбрани.

Имресивен меч одигра и поранешниот вардарец Алекс Душебаев со 8 гола, најмногу на мечот.

Во полуфиналето Шпанците ќе играат против Данска, репрезентација што го одигра веројатно и најдраматичното четвртфинале во историјата на Мундијалите и го елиминира Египет по подобро изведување на пенали.

Во полуфиналето ќе игра и Шведска по убедливиот триумф против Катар со 35:23. Викинзите се хит на турнирот, на кој пристигнаа речиси без целата прва постава, или вкупно без деветмина ракометари, а се изборија за учество во завршницата и битката за медали.

Хринц и Пелас блескаа против Катар со по 8 гола, а Швеѓаните сè уште се без пораз на Мундијалот и ќе се обидат да приредат уште еден подвиг во полуфиналето, во меч против најтрофејната нација на Светските првенства, Франција, која има шест титули.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести