Откако поради рестрикциите со британската мутација на корона-вирусот пропадна можноста Ливерпул да добие дозвола од германската влада да слета и еден ден подоцна да игра во Германија против Лајпциг, клубовите и УЕФА се во постојана комуникација и договарање каде би се играл првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите на 16 февруари.
Германија најрано на 17 февруари ќе ги отвори границите за луѓе кои доаѓаат од Велика Британија, а тоа е еден ден по мечот.
Од Европската фудбалска асоцијација предлагаат натпреварот да се игра на стадионот „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта, како некое компромисно решение. Така ем Лајпциг не би загубил со службен резултат, ем Ливерпул ќе биде среќен што нема да гостува на стадионот на кој тренира и игра Лајпциг.
Ливерпул од 2009 година не играл во Будимпешта, а на овој стадион во септември се одржа последниот европски Суперкуп, во кој Баерн ја победи Севилја со 2-1.