Европската фудбалска куќа бара од Ливерпул да најде неутрален терен надвор од Велика Британија за возвратниот дуел против Лајпциг во осминафиналето во Лигата на шампионите.
Двете екипи утре ќе се сретнат на „Пушкаш арената“ во Будимпешта, а одлуката да се игра на неутрален терен беше донесена откако властите во Германија ставија забрана за влез на патници во земјата кои доаѓаат од Обединетото Кралство.
Со оглед на тоа дека Островот е во „мутираната зона“ на вирусот ковид-19, сега и реваншот најверојатно ќе се игра на неутрален терен, односно Ливерпул нема да биде домаќин на „Енфилд“. Доколку се игра на нивниот стадион, Црвените бикови по враќањето во Германија ќе треба да седат до две недели во самоизолација и да ги одложат лигашките мечеви против Ајнтрахт Франкфурт на 14 и против Арминија Билефелд на 19 март.
УЕФА затоа очекува да се најде решение до 1 март, бидејќи реваншот е закажан за 10-тиот ден од третиот месец во годината.