Металург прокоцка победа, заврши без триумф на терен во премиерното издание на Европската лига на ЕХФ (видео)

Металург не успеа да забележи победа на терен во премиерниот настап во Европската лига на ЕХФ, а вечерва одигра добар меч и ремизира со Адемар Леон, 27:27.

Македонскиот претставник прокоцка убава можност за прв триумф на терен во деветте кола во А групата бидејќи водеше и со 4 гола разлика, а гостите од Шпанија за првпат поведоа во 54-тата минута, кога беше 24:25.

Финишот беше драматичен, а Шпанците беа поблиску до победа. Водеа со 27:25 на малку повеќе од минута и пол, но Металург се извлече со головите на Калуѓеровиќ и на Тарабокија.

Мечот беше од ревијален карактер, без посебно резултатско значење бидејќи Металург веќе се прости од премиерниот настап во новото натпреварување на ЕХФ.

Металурзите имаат само една победа, и тоа со службен резултат од 10:0 против Тулуз и завршија како последни во својата група. Вечерва имаа предност од 16:13 по првиот дел, потоа и највисоки 4 гола разлика, 19:15, но не успеаја да ја забележат првата победа на терен.

https://twitter.com/ehfel_official/status/1366824696872914953?s=20

Мартин Серафимов кај Металург и Перес кај Адемар Леон со по 7 гола беа најефикасни на мечот.

- Оглас -

Најнови вести