Пари Сен Жермен остана без напаѓачи за дуелот со Бордо, Кен е позитивен на ковид-19

Пари Сен Жермен мора да победи во Бордо вечерва од 21 часот, но шампионот има огромни проблеми со напаѓачката формација. Француските медиуми објавија дека и Мојзе Кен нема да игра бидејќи е позитивен на ковид-19, што е последен во низата проблеми што ги имаат Светците.

Покрај италијанскиот репрезентативец, вечерва на „Матмут Атлантик“ ќе ги нема и Килијан Мбапе поради жолти картони, Нејмар, кој е повреден, а и Икарди е неизвесен.

Тоа значи дека ПСЖ ја нема целата навална линија во меч што им е особено важен во битката за одбрана на титулата. Повредени се и Верати, Флоренци и Бернат, не се знае дали ќе игра и Ди Марија, што покажува со какви проблеми се соочува Маурисио Покетино пред дербито на 28-мото коло во Франција.

ПСЖ доминира во Лига 1 и освои 7 од последните 8 титули, но моментно е на второто место со 57 бода, два помалку од Лил. Победата им е императив против Бордо, тим од кого немаат загубено од 2015 година, или на 12 меча по ред бидејќи трката за титулата во Франција е исклучително возбудлива.

Зад лидерот Лил и ПСЖ се Лион со 56 и Монако со 55 бода, што најавува трка до последен здив за шампионската круна во едно од најсилните првенства во Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести