Уго Љорис, капитенот и прв голман на Тотенхем, не можеше да го сокрие незадоволството по елиминацијата од Динамо Загреб, откако вчера на „Максимир“ францускиот чувар на мрежата прими три гола од Орсиќ во 120 минути игра.
Модрите надополнија два гола негатива, па до сензацијата стигнаа во дополнителните 30 минути.
„Многу сме разочарани. Искрено, не покажавме доволно респект кон противникот, па затоа ни следуваше оваа казна. Едноставно, ова е срамота, се надевам дека сите играчи така се чувствуваат. Не знам повеќе што да кажам, сите треба да преземеме одговорност бидејќи елиминацијата навистина ме боли“ истакна Љорис.
Тотенхем ја загуби битката на уште еден фронт во оваа разочарувачка сезона за тимот од Северен Лондон, по што борбата со Манчестер сити во финалето од Лига Купот на Англија остана како единствена шанса за некаков успех.