Динамо Киев со минимални 1-0 славеше на гостувањето кај Астана во мечот од петтото коло во групната фаза во Лигата на Европа. Вербиќ во 29-тата минута му донесе водство на украинскиот вицешампион, што беше доволно за победа, а воедно и за влез во нокаут-рундата од ова натпреварување.
Динамо со триумфот го запиша 11-от бод, па како првопласирани од групата К ќе дочекаат Европска пролет. Астана остана на осум бода, а мечот кој се игра подоцна од оваа група, меѓу Јаблонец и Рен, може да го потврди учеството на казахстанскиот тим во следната рунда при евентуално реми.
Рапид Виена во финишот од средбата против Спартак Москва се избори за многу важни три бода. Гостите со конечни 2-1 триумфираа во Москва, иако до 80-тата минута беа во негатива од еден гол.
Токму во таа минута, Мулдур израмни на 1-1, а пресвртот го потврди Шобесбергер во 91-вата минута од мечот. Зе Луис претходно го реализираше погодокот за Спартак уште во 20-тата минута.
Рапид по овој меч се искачи на првото место во групата Г со седум бода, Спартак остана на пет бода. Од оваа група треба да се одигра дуелот меѓу Глазгов ренџерс и Вилјареал, меч по кој ќе се знае каков ќе биде пласманот пред последното коло.