Најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, Вардар ги живее можеби и најтешките денови од својата историја. Црвено-црните се на прагот од испаѓање во Втора лига, што би било за прв пат во самостојна Македонија. Вардар е на претпоследното место на табелата и само теорија има да се спаси од испаѓање.
По вчерашниот пораз од Работнички, најпопуларната навивачка група „Комити“ испрати соопштение во кое се вели:
Им смета Вардар, па решија да не постои…
Го однесоа во темни зандани заклучен без храна и вода, а тој стана светлина и алхемија, па произведе самиот се што му треба да преживее…
Го фрлија во водата за да го удават – а тој научи да диши и на шкрги и со паузи…
Го бутнаа во железарските печки за да го изгорат, но неговата точка на топење е многу над температурата која таму може да се создаде…
Нам ни го создадоа овој кошмар за да не скршат, да ни го уништат моралот, да се откажеме и заедно со Вардар да исчезнеме…
Но наскоро оние кои го креираа ова сценарио за разнебитување и уништување на Вардар и нас, ќе разберат дека Вардар не може да биде уништен, а ниту ние.
Истовремено ќе се соочат со фактот дека од нас создадоа непријатели, со кои тешко ќе можат да се носат.
Цел овој период можеа да се уверат сите колку е силна нашата врска со Вардар, што се можеме ние да направиме за нашата љубов, колку можеме да бидеме конструктивни и трпеливи.
Оние кои Вардар го доведоа до ова дереџе, но и оние кои можеа, но не спречија, сега веројатно тријат раце и се надеваат дека Вардар ќе го снема, а со тоа и нивниот проблем ќе исчезне. Веројатно и другите веруваат дека со Вардар второлигаш нас ќе не нема, и ќе продолжи цело ова системско отстранување на симболите на она што не прави засебни, ќе се загубиме во зомбификацијата и ќе станеме аморфна маса лигави луѓе, роботизирани климачи со глава без ништо да не врзува еден со друг, без колективна свест, без да знаеме кои сме.
Веројатно дојде време кога на дело ќе мора да ја покажеме нашата деструктивна моќ !
Да почнеме да им брцаме прсти во очи на сите душмани, и да им го унередуваме секојдневието до неподнослива точка.
Да почнеме да се интересираме и да дејствуваме во политички разврски, но не заради тоа што имаме фаворити, туку затоа што имаме Анти-фаворити, и ако и до сега не не интересирало кој ќе победи, сега ќе работиме на тоа кој да изгуби.
Ви ветуваме непријатни моменти, и живот кој и со милионите и политичката моќ кои ги имате, ќе ви биде бедно и неподносливо.
Со Вардар и до крајот на светот !
„Комити“ синоќа на полноќ не заборавија да го прослават и големиот христијански празник Велигден и со повеќе од 100 факели направија крст.