Менаџерот на Ливерпул, Jирген Клоп, пред градското дерби со Евертон посочи само пофалби за екипата која ја предводи Марко Силва. Германскиот стратег смета дека „карамелите“ имаат поквалитетен состав во однос на минатите неколку сезони.
„Дерби средбите против Евертон секогаш биле тешки во последниве неколку години, но очигледно Евертон во изминатиов период многу напредуваше. Сега се сосема нова екипа, со многу поразличен стил на игра од порано. Доведоа неколку квалитетни засилувања, како Ричарлисон, Волкот, Гомеш, тука е и Дињ, кој со својата игра наликува на млад Лејтон Бејнс. Во составот им се врати и Колман, додека на голот ја имаат „единицата“ на англиската репрезентација, Џордан Пикфорд. Поседуваат многу квалитет – брзина, креативност, добра организација. Очекувам интересна пресметка“, истакна Клоп.
Првото „Мерсисајд“ дерби за оваа сезона се игра на „Енфилд“ в недела, со почеток од 17:15 часот.