Екипата на Пелистер како првопласирана заврши по регуларниот дел од кошаркарското првенство на Македонија и со големи амбиции влезе во плејофот за разигрување за титулата. Битолчани без проблеми го минаа четвртфиналето, а сега ги очекува полуфиналниот предизвик против МЗТ Скопје Аеродром.
Полуфиналето се игра во три добиени меча, а Пелистер ја има предноста на домашен терен. Сепак, непосредно пред стартот на дуелите со актуелниот освојувач на Купот, битолчани се соочија со неочекуван проблем. Од клубот информираа дека поради здравствени проблеми, тренерот Марјан Илиевски нема да може да ја предводи екипата до крајот на сезоната. На негово место е донесен Србинот Небојша Видиќ.