Игор Ангеловски и Франк де Бур повторно ќе се сретнат по 9 години пауза од првата средба во 2012 година и пак ќе бидат на истото место, во Амстердам, овојпат како ривали и селектори на Македонија и на Холандија.
Популарниот Мрме има фотографија во својата колекција со сегашниот селктор на Холандија пред девет години, кога го следеше тест-натпреварот на Христијан Денковски за младинците на Ајакс.
Денковски во 2012 година беше член на Работнички, чиј тренер во тој период беше Ангеловски, па дојде до прва средба меѓу нив со Франк де Бур.
Интересно е што Денковски на мечот меѓу европските таленти што ги следеше Ајакс против тим составен од Јужна Африка беше и стрелец на еден гол. Потоа беше под мониторинг на Ајакс, но сепак, до трансфер во редовите на фудбалскиот великан од Холандија не дојде.
На 21 јуни, Ангеловски и Де Бур повторно ќе се сретнат, овојпат во многу поважна ситуација за двајцата, а ќе ги предводат како селектори Македонија, односно Холандија во последната битка за двете селекции во Ц групата на европското првенство.
Мечот ќе се игра во Амстердам, а спомените и пријателството со Де Бур и дел од легендите на Ајакс и Холандија нема да важат барем во тие 90 минути на „Јохан Кројф арената“ на 21 јуни.