Холанѓаните ремизираа 2:2 против Шкотска во првиот од двата контролни теста пред настапот на Европското првенство и покажаа дека имаат проблеми во одбраната во која најмногу ќе недостасува вчерашниот специјален гостин на трибините во Фаро.
Вирџил ван Дајк, капитенот на Лалињата, беше на трибините на стадионот во Португалија, каде што се играше пријателскиот натпревар со Шкотите, но тој не може да игра на ЕП и по него најмногу „плачат“ Лалињата.
Почнаа во формација со пет дефанзивци, но Де Врај, Де Лихт и Тимбер како тројца стопери не покажаа дека на нив комплетно може да се потпре Франк де Бур, селекторот на Холандија. Тука го имаат и најголемиот проблем, а тој се вика Вирџил ван Дајк. Стоперот на Ливерпул е долго повреден и е во процес на рехабилитација, па нема да настапи на ЕП.
Шкотите играа осетно хендикепирани без седуммина играчи поради ковид-19, но сепак двапати ја тресеа мрежата на фаворитот и ги открија маните на еден од фаворитите за титулата на ЕП.
Холанѓаните ќе играат уште еден контролен меч пред настапот на шампионатот на Стариот Континент, а ривал ќе им биде Грузија на 6 јуни во Еншеде.
Популарните Лалиња се во нашата група Ц и со нив ќе играме на 21 јуни, во последниот меч од првата фаза. Ќе ни бидат домаќини во „Амстердам“ пред 16 илјади публика во меч што ќе се игра од 18 часот.