Италија е петта репрезентација во историјата која освоила Европско првенство, а не настапила на последното Светско првенство. Аѕурите се посрамотија кога не успеаја да изборат место на Мундијалот во Русија 2018 година, но допирањето на дното пред три години им помогна да изградат империја предводена од Роберто Манчини.
На Италијанците сега им треба само уште една победа или нерешено на наредниот меч за да го изедначат светскиот рекорд на Бразил и Италија од 35 меча едноподруго без пораз. Оваа низа која трае речиси три години, покажува дека Италија не е случајно европски првак и неуспехот во 2018 го претворија во нешто позитивно, па по 53 години станаа европски шампиони.
Пред Италија да стане европски првак без настап на последното СП, тоа им успеало само уште на четири селекции. Прва беше Чехословачка во 1976 година (не играа на СП во 1974), Холандија во 1988 (ги немаше на СП во 1986), Данска во 1992 (Данска не се пласираше на СП 1990) и Грција во 2004 година (не играа на СП 2002).
Европските титули на Грција и Данска и до ден денеска се сметаат за две најголеми изненадувања во историјата на европските шампионати. Италија си е Италија и никогаш не е сензација кога ќе освои нешто, но подвигот од неучество на СП до европски шампион само за три години никој не може да им го оспори.