Николов: Со победи над Лихтенштајн и Германија ќе бидеме блиску до СП!

Бобан Николов, кој со екипата на Шериф приреди сензација на гостувањето кај Реал Мадрид, не сака сега во дресот на Македонија да биде на губитничката страна и да биде изненаден од аутсајдерот Лихтеншајн.

„На натпреварот треба да му пристапиме со максимална дисциплина и агресија. Треба да бидеме фокусирани како да играме против Германија. Гледаме дека во фудбалот секој може да победи секого. Поквалитетни сме, тоа нема дилема, но треба да покажеме на терен. Ако сме 100 проценти фокусирани, нема да имаме проблем. Лихтенштајн е аутсајдер, но зеде бод против Ерменија, со Романија имаа зицери на 0-0“, вели Николов.

„Ни фали победа за поголема самодоверба. Не мора јас да дадам гол, само да победиме и да тргнеме по нагорна линија. Знаеме што нè чека, со две победи веќе ќе имаме големи шанси за пласман на СП. Му посакувам добредојде на Ракип, а многу ќе ни недостасува Барди, но некој од нас ќе треба да го пополни местото во средниот ред“, рече Николов.

Милан Ристовски очекува тежок меч против Лихтенштајн.

„Сигурно овој меч со Лихтенштајн ќе биде најзначаен зашто ако победиме, ќе влеземе со добра атмосфера во мечот со Германија. Секако дека секој меч сам по себе е тежок. Треба да го дадеме својот максимум и се надевам дека ќе оствариме добар резултат. Кога играте за репрезентација, ја претставувате својата држава и тој притисок секогаш постои. Секој фудбалер се носи со тоа“, смета младиот напаѓач.

- Оглас -

Најнови вести