Настапот на Фелипе Мело за Палмеирас во финалето на Копа Либертадорес против Фламенго закажано за 27 ноември во Монтевидео е неизвесен поради инцидент од пред четири години.
Мело не смее да влезе во Уругвај бидејќи веднаш ќе биде приведен поради инцидентот во 2017 година, кога како играч на Палмеирас го удри Матијас Миер на мечот против Пењарол.
Тогаш требаше да даде изјава, но ја избегна процедурата по мечот и сега ако влезе во Уругвај, кој е организатор на финалето во јужноамериканската Лига на шампиони, или позната како Копа Либертадорес, веднаш ќе биде приведен.
Во 2017 година Палмеирас го победи Пењарол со 2:1 во меч со сериозни инциденти. Мело го удри Миер, а потоа имаше општа тепачка на теренот. Навивачите на Пењарол беа бесни и се обидоа да влезат на терен.
Фудбалерите на Палмеирас се обидоа да избегаат, но наидоа на затворена врата и со голема среќа избегнаа линч. Полицијата пристигна со 20-минутно задоцнување, па се бараше Мело да пополни извештај за тепачката, што не се случи.
Случајот, како што пишуваат бразилските медиуми, не е затворен и како што стојат сега работите, Мело сигурно ќе биде приведен ако допатува со експедицијата на Палмеирас во Монтевидео.
На 27 ноември, во бразилското финале Палмеирас ќе ја брани титулата во Копа Либертадорес против Фламенго.