Конечно дадовме гол, ама Фарски Острови не ги победивме

Младата македонска репрезентација за играчи до 21 година го постигна првиот гол во квалификацискиот циклус за настап на Европското првенство, но и тој не беше доволен да се победат Фарски Острови.

Во Клаксвик одигравме само нерешено, 1:1, што е разочарувачки резултат и само по три кола, веќе ја оддалечи Македонија од битката за првите две места.

Можеше да биде и полошо бидејќи домаќините водеа со 1:0 со голот на Андрас Јохансен во осмата минута и имаа предност по првото полувреме.

Марко Ѓорѓиевски израмни во 55-тата минута, со првиот погодок за Македонија дури во третото квалификациско коло за настап на Европското првенство што ќе се игра во 2023 година.

Само за споредба, со истата репрезентација игравме и во претходниот циклус за ЕП и ги победивме Фарски Острови со 7:1 во Скопје и со 2:1 во Торшавн.

Македонија досега одигра три меча во Х групата и освои два бода, со реми без голови против Србија и денеска против Фарски Острови. Загубивме од Франција на премиерата во Ле Ман со 3:0 и моментно сме претпоследни на табелата, само пред Србија, која има еден бод и губи од Ерменија по првото полувреме со 0:1 во Ереван.

Во конкуренција за првото место, кое директно води на ЕП, и за второто, кое може да гарантира бараж, се Франција, Украина, Ерменија, Фарски Острови, Македонија и Србија.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести