Елиф Елмас конечно се израдува на прва европска победа со Наполи во тековниот циклус натпреварфи во Лигата на Европа, а со прекрасните голови на Лоренцо Инсиње, на Виктор Осимен и на Матео Политано, Наполитанците ја победија Легија со 3:0.
Нашиот репрезентативец го одигра целиот меч, што домаќините го решија со три гола во последните 20-тина минути, а токму Елмас беше асистент за убавиот погодок на Матео Политано во 95-тата минута.
Инсиње постигна мајсторски гол во 76-тата минута и ја круниса апсолутната доминација на лидерот во Италија.
https://www.youtube.com/watch?v=V0x8M0ZrJ-w
Потоа и Осимен постигна прекрасен гол со лоб удар, но беше поништен поради офсајд. Но Нигериецот, кој е во страшна гол-форма, беше на вистинското место во 80-тата минута и со нов погодок ја запечати првата победа на својот тим во третото коло во фазата по групи во Лигата на Европа. Во самиот финиш на мечот и Политано беше стрелец за убедливи 3:0.
Од 21 часот се играа уште 8 меча, а највпечатлив е пресвртот на Лион во Прага. Спарта водеше со 2:0 по 20 минути игра, но Лавовите од „Жерлан“ направија голем пресврт и со четири гола по ред победија со 4:3.
Резултати, Лига на Европа: Наполи – Легија 3:0, Спарта Прага – Лион 3:4, Ајнтрахт – Олимпијакос 3:1, Локомотив Москва – Галатасарај 0:1, ПСВ Ајндховен – Монако 1:2, Глазгов ренџерс – Брондби 2:0, Штурм – Реал Сосиедад 0:1, Вест хем – Генк 3:0.
Резултати, Конференциска Лига на УЕФА: Партизан – Гент 0:1, Базел – Омонија 3:1, Клуж – АЗ Алкмар 0:1, ЦСКА Софија – Зорја 0:1, Јаблонец – Рандерс 2:2, Слован Братислава – Линколн 2:0.