Борусија Дортмунд со играч помалку не можеше да му парира на Ајакс, па Милионерите загубија на свој терен со 1:3. Овој пораз го доведе во прашање поминувањето на Борусија во нокаут-фазата и во следното коло во директен дуел против Спортинг ќе се одлучи кој ќе биде втор на табелата.
Клучен момент на синоќешниот дуел беше моментот од 29-тата минута, кога Матс Хумелс стартуваше врз Антони и за тоа доби директен црвен картон. Хумелс не може да верува дека за тој старт доби исклучување и го обвини судијата со неговата грешка за главен виновник за поразот на Борусија.
„Не знам како можеше за таков старт да добијам црвен картон. Јас бев на тревата, а противникот се струполи над мене. Не можев да поверувам дека судијата го потврди исклучувањето дури и по гледањето на повторената ситуација во ВАР-собата. Тоа беше апсурдна одлука. Погрешна одлука со која судијата го реши мечот. Антони покажа дека е добар глумец. Тој е добар фудбалер, но треба да биде и голем спортсмен“, рече Хумелс.