Себастијан Халер блеска во првата сезона што ја игра во Лигата на шампионите и веќе испиша историја со двата гола што ги постигна вечерва, во победата на Ајакс против Бешикташ со 2:1.
Со тоа стигна до бројката од девет погодоци во првите пет кола во овој циклус на натпревари во луксузната лига и е првиот дебитант со 9+ ефект со голови во први пет рунди на ова натпреварување.
Интересен е податокот дека Халер сам има постигнато повеќе голови од вкупниот учинок на второпласираната Борусија Дортмунд и од последнопласираниот Бешикташ и еднаков број голови како третопласираниот Спортинг.
Сепак, и таквиот ефект на Халер не е најдобар во досегашните пет кола во фазата по групи, а ненадминлив е Роберт Левандовски, кој со него го дели првото место на листата со најдобри стрелци.
Левандовски со 9 гола е поефикасен од сите три тима што се во Е групата со Баерн Минхен.
Барселона постигна само два гола во пет кола, Бенфика пет, Динамо Киев само еден, па полската машина за голови кај Баварците самиот има повеќе погодоци од сите три екипи во Е групата.