АВ Охрид приреди изненадување со гостинската победа во „Младост“ против Гостивар, особено што домашните беа подобри по првите три четвртини. Сепак, кога беше најважно, во финишот „галебите“ одиграа добра одбрана и дојдоа до многу важни три бода.
На 7 минути до крајот, Гостивар имаше позитива од 83-76, но во наредните четири минути домашните не дадоа ниту еден поен, а примија 12. Потоа екипите се менуваа во водство, а на 15 секунди до крајот, Хил погоди две слободни за 92-89 за АВ Охрид. Костоски утна обид за три поени, а Хил со уште два пенали, стави точка, за голема радост на охриѓани.
Пелистер му беше домаќин на МЗТ во „Јане Сандански“, и битолчани добро се држеа во првите 10 минути. Потоа фаворитот во наредните 20 минути даде до знаење дека планира да освои два бода, а пелитерци во финишот беа подобри и се изборија за пристоен пораз. Кај МЗТ одмораа Иванов и Медфорд, Вудард за десет минути беше незабележителен, а не играа и повредените Младеновски, Соколов и Симоновски.
Во Негорски бањи, Блокотехна го надигра Куманово и се задржа на челната позиција.
Резултати: Шкупи – Кожув 87:121, Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром 71:83, Гостивар – АВ Охрид 89:94, Блокотехна – Куманово 81:69. Фени индустри беше слободен. Утре (17.30 ч.): Вардар – Работнички.