Игра како на гостувањето кај Спарс во претходното коло треба да биде примерот кој ќе го следат во МЗТ Скопје Аеродром ако сакаат да го добијат и утрешниот меч против словенечки Хелиос во втората АБА-лига. „Штрковите“ во Домжале играат од 19 часот и повторно ќе бидат некомплетни како пред неполна недела во Сараево, но во последно време веќе се навикнаа да се борат со скратени сили.
„Хелиос е квалитетен тим, формата им е во нагорна линија. Имаме проблеми со ростерот, но тоа е нешто што самите ќе мора да го решиме. Ќе пробаме да одиграме како против Спарс и ако успееме во тоа, тогаш ќе имаме сериозни шанси да дојдеме до уште една победа на гости“, најавува капитенот Дамјан Стојановски.
Тренерот на Хелиос санс, Дејан Јакара, вели дека индивидуално, МЗТ е најдобар тим во АБА 2 лигата и го има најефикасниот напад, па нема да им биде лесно да ја запрат брзата игра на македонскиот претставник. Хелиос, предводен од засилувањето Блаж Махкович, ја победи Олимпија во словенечкото првенство и тоа покажува дека задачата на тимот на тренерот Кочов нема да биде лесна.