Раководството на Бока јуниорс се одлучи да го постави Николас Бурдисо за нов тренер на екипата. Јужноамериканскиот вицепрвак му врачи отказ на Гилјермо Скелото по поразот од лутиот ривал Ривер плејт во финалето на Либертадорес купот, па од таборот на клубот одлучија да му дадат шанса на неискусниот Бурдисо, кој воедно е дете на Бока.
Бурдисо ја заврши професионалната фудбалска кариера во октомври годинава, откако минатата сезона ја помина во дресот на Торино. Триесет и седумгодишниот новопечен тренер за првпат ќе се проба на оваа функција.
Бурдисо потекнува од академијата на Бока, а со аргентинскиот гигант има освоено три титули во Либертадорес купот, пред да ја продолжи кариерата во Европа, поточно во Италија. Во богатата кариера, Бурдисо ги бранеше боите на Интер, Рома и Џенова, како и на веќе споменатиот Торино.