Серхио Рамос чекаше неколку месеци за да дебитира во дресот на Пари Сен Жермен и полека почна да се враќа во препознатливата форма. На синоќешниот меч против Лориен, ПСЖ со гол во 91-вата минута се спаси од пораз и одигра 1:1, а Рамос повторно беше во центарот на вниманието поради неговата груба игра.
Искусниот шпански дефанзивец во игра влезе на почетокот на второто полувреме и за 40 минути поминати на терен, успеа да добие црвен картон. Во 81-вата минута го доби првиот жолт картон, а само четири минути подоцна, по вторпат „пожолте“, што автоматски значеше и црвен картон.
Интересно е што Рамос кога го направи фаулот, остана да лежи на тревата и да се жали на повреда како тој да е фаулиран. Сепак, судијата не наседна на глумата на Рамос и го исклучи играчот на ПСЖ.
Рамос во дресот на ПСЖ одигра вкупно 130 минути во првенството, плус има и 45 минути во Купот на Франција за да го добие првиот црвен картон.
Ова е вкупно 27-мо исклучување за Шпанецот во кариерата.