Еден од домаќините на ова Европско првенство, Унгарија, оствари многу важна победа над Португалија со 31:30 во рамките на второто коло од групата Б.
Унгарија имаше негатива по крајот на првиот дел од 14:15, но со одлична игра во продолжението направи пресврт и дојде до првата радост.
Во преполната сала „МВМ Дом“ во Будимпешта, домаќинот предводен од фановите ги запиша првите победнички бодови по неочекуваниот пораз од Холандија во првото коло.
Натпреварот беше неизвесен до самата завршница, а во последната минута резултатот беше 29:29, додека Португалците добија исклучување и беше досуден пенал за Унгарците, којшто го реализира Матеј Лекај, а сепак Португалците израмнија на 30:30.
Но, во последните секунди Доминик Мате погоди за голема победа и ерупција на трибините.
Во моментов Исланд, Холандија и Унгарија имаат по два бода, но првите две споменати селекции играат од 20:30 часот во борба за првото место.
Најефикасен кај Унгарците беше Доменик Мате со осум погодоци.
Во втората средба, пак, од 18:00 часот Германија немаше проблеми против Австрија (34:29), иако и таа по првиот дел имаше негатива и губеше со 15:16.
Тимо Кастенинг беше најефикасен кај победникот со девет погодоци.
Германија сега има максимален скор во групата Д, а за два дена ја очекува средбата со Полска, којашто може да биде одлучувачка за првото место.