Тренерот на Шахтар Донецк, Роберто де Ѕерби, го раскажа воениот хорор и нападот на Русија во Украина и вели дека засега е безбеден, а заедно со уште седуммина Италијанци во стручниот штаб се сместени во хотел во Киев.
„Не разбудија бомби и експлозии што се слушаа и во Киев. Моментно сме затворени во хотел во Украина. Суспендирани се сите летови, а ја контактиравме и италијанската амбасада, од каде што ми порачаа да останеме во своите соби. Евакуацијата е невозможна, но јас сум спортист и не сакам да го напуштам тимот“, изјави Де Ѕерби.
Тој е поранешен шеф на стручен штаб на Палермо и им беше тренер на двајцата македонски репрезентативци Александар Трајковски и Илија Несторовски во 2016 година.
Шахтар беше на подготовки во Турција до пред четири дена, а сега и повеќекратниот шампион и сите останати украински екипи ќе мора дополнително да паузираат бидејќи првенството е суспендирано.
„Нема шанси да играме со Металист во Харков во сабота. Слушнав дека градот е бомбардиран, па нема услови да се игра фудбал. Со мене се уште седуммина Италијанци, кои се дел од стручниот штаб на Шахтар, а има и 13-мина Бразилци. Не знам што ќе биде, не сакаме да бидеме некакви херои, само посакуваме мир и што поскоро да се игра фудбал“, дополни Де Ѕерби.