Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ зборуваше за очекувањата пред утрешниот меч против Салернитана, а во еден момент српскиот стратег беше запрашан за коментар околу воениот конфликт меѓу Украина и Русија. Михајловиќ се присети на војната во екс Југославија во 1991 година, но и потоа на бомбардирањето на Србија во 1999 година.
„Пред некој ден прочитав една реченица која вели дека војуваат богатиот против богатиот, а сиромашниот страда. Сигурен сум дека војната не смее да биде единствен начин на решавање на проблемите. Се сеќавам кога станав европски првак со Црвена ѕвезда, тоа се случи и во мојата земја. Потоа, кога го освоив и Скудетото со Лацио во Италија, мојата земја беше бомбардирана. Тоа се страшни моменти. Замислете ситуација во која можеби неколку недели нема да може да се слушнете со своите родители, не знаете ни дали се живи или мртви. Се сеќавам кога слушнав како полетуваат авиони од Авијано. Се јавив на мајка ми и ѝ реков да бегаат во подрум затоа што за пет минути ќе ги бомбардираат. И покрај сите тие стресови, јас морав да излезам на терен и да играм. Сакав мечевите да траат 24 часа, да тренирам по цел ден, затоа што само тогаш не размислував за бомбардирањето. Се надевам дека ова во Украина брзо ќе заврши“, рече Михајловиќ кој ја напушти прес-конференцијата со солзи во очите.
STOP WAR#Mihajlovic pic.twitter.com/IIAdUJrgsK
— Francesco Livorti (@FrancescoLivo_) February 25, 2022