Ѓоко Зајков имаше кратка авантура во Украина. Македонскиот репрезентативец во зимскиот преоден рок потпиша за Ворска Полтава, но немаше шанса да дебитира за новиот клуб затоа што во Украина започна војна.
Зајков и неговото семејство успеаја безбедно да излезат од Украина, а сега тој најде нов клуб каде што ќе ја доигра сезоната. Дефанзивецот се договори со Славија од Софија, клуб каде што од 2019 година игра и поранешниот наш репрезентативец Дарко Тасевски. Токму Тасевски денеска за бугарските медиуми објави дека уште не планира да се пензионира.
„Точно е дека подолг период не сум за играч за Славија, но тоа не значи дека се пензионирам. Ќе објавам кога ќе решам такво нешто“, рече Тасевски.
Според одлука на ФИФА и УЕФА, фудбалерите кои играа во украински клубови имаа право да се вратат во старите екипи или да најдат нова средина за да ја завршат сезоната, па Зајков се реши за бугарска Славија.