Турскиот клуб Трабзонспор испратил понуда вредна еден милион евра за Вујадин Савиќ, капитенот и дефанзивец на Црвена ѕвезда. Договорот не е потпишан, преговорите се во тек, но белградските „црвено-бели“ веќе се обезбедија со замена во случај Савиќ да замине во Турција.
Пред неколку дена, Ѕвезда потпиша договор со Немања Милутиновиќ од БАТЕ Борисов и тој би можел да го пополни местото на синот на славниот напаѓач на Ѕвезда, Дуле Савиќ. Вујадин една и пол година е командант на одбраната откако дојде од молдавски Шериф.
Вујадин е познат во регионот и по тоа што со актерката Мирка Васиљевиќ имаат три деца, а официјално не се во брак. Савиќ најавува и четврто дете, со надеж дека ќе биде девојче, па да имаат по две машки и женски деца, а ако некогаш се ожени со Мирка, тогаш датумот на венчавката би бил 29-ти мај (не се знае годината), кога Ѕвезда во 1991 година стана европски првак.