Манчини: Ова е моето најголемо разочарување во кариерата!

Само пред неколку месеци Роберто Манчини како предводник од селекторското место ја предводеше Италија до освојување на Европското првенство. Во финалето ја победија Англија, и тоа на „Вембли“ и се искачија на континенталниот трон.

Полни со самодоверба, Италијанците продолжија во квалификациите за СП 2022, но таму завршија на второто место зад Швајцарија и мораа да играат бараж. Ја добија Македонија и многумина мислеа дека ќе ја имаат најлесната задача за да одат понатаму, но не беше така. Македонија со 1:0 славеше во Бергамо, а селекторот на Аѕурите не можеше да верува што се случи.

„Ако освојувањето на Европското првенство беше мој најголем успех на професионално ниво, тогаш ова дефинитивно е мое најголемо разочарување. Понекогаш во фудбалот се случуваат неверојатни работи. Можеби воопшто не требаше да играме во баражот“, рече Манчини.

Селекторот на Италија вели дека треба да помине време за да помине оваа фудбалска болка што им ја нанесе Македонија.

„Ќе видиме што ќе се случи. Тешко е сега да зборуваме за тоа што ќе биде во следните недели и месеци. Треба да помине време затоа што ова е огромно разочарување. Според мене, пред оваа екипа претстои голема иднина“, додаде Манчини.

Италија освен што загуби од Македонија, сега треба да се подготви и за можеби најбесмислениот меч во нивната историја. Во вторник ќе гостуваат кај Турција, каде што ќе се игра мечот на двете селекции кои загубија во полуфиналната пресметка од баражот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести