Висар Муслиу беше еден од најдобрите на мечот со Италија, одбраната со него беше непробоен бедем за Аѕурите, кои се актуелни европски прваци, а сега вели дека мора експресно да ја заборавиме прекрасната епизода од Палермо и да се обидеме да приредиме ново фудбалско чудо со победа против Португалија за пат во Катар.
„Добро, победата против Италија сигурно е една од најзначајните во нашата историја, но мораме сега да заборавиме на тоа и да се насочиме кон мечот со Португалците. Мора да се потрудиме да ја искористиме шансата што се пружа веројатно еднаш во животот. Верувам во успех и дека ќе испишеме историја. Не очекува голем притисок, на хартија фаворит е Португалија, но ние имаме поинаков план и знаеме дека можеме рамноправно да играме со сите. Македонија е на еден меч до историски настап на Светско првенство и сакаме да ја искористиме големата шанса“, изјави Муслиу.
Тој повторно ќе биде еден од командантите за дефанзивниот бедем да функцинира беспрекорно и да се сопрат налетите на Роналдо, Жота, Отавио и останатите португалски ѕвезди, со цел Македонија да приреди ново чудо и да се пласира на Светското првенство во Катар.