Килијан Мбапе на стори на својот „инстаграм профил“ објави „Зебра наскоро“, песочен часовник и експлозија, што предизвика воодушевување кај фановите на Јувентус.
Милионите поддржувачи на Старата дама сакаат да веруваат дека Мбапе најавил бомбастичен трансфер во најтрофејниот италијански клуб бидејќи еден од прекарите на Јувентус е зебри, поради дресовите.
Договорот на Мбапе со ПСЖ истекува на 30 јуни и уште го нема продолжено. Наголемо се најавува дека од следната сезона ќе го облече дресот на Реал Мадрид, парижаните на секакви можни начини пробуваат да го задржат кај себе, а Јуве не се спомнуваше во комбинациите како можна идна дестинација.
Можеби „Зебра“ нема никаква врска со Јувентус, туку со некаков маркетиншки и спонзорски дил, но Мбапе успеа да ги разгори страстите и да предизвика дебати по социјалните мрежи.