МЗТ Скопје Аеродром во четврток (27-ми септември) почнува со настапи во втората АБА-лига, а на една недела пред стартот на официјалната сезона, тимот одигра една корисна контрола. „Штрковите“ го победија Фени индустри со убедливи 86:59.
Екипата на тренерот Ѓорѓи Кочов по подолго време настапи во комплетен состав, со сите репрезентативци, а отсуствуваше само полесно повредениот бек Дарко Соколов.
Американецот Лестер Медфорд беше најефикасен со 16 поени, Хрватот Иве Иванов и Србинот Андрија Бојиќ постигнаа по 13 поени, додека Дамјан Стојановски реализира 10 поени. Андреј Маслинко и Андреј Магдевски постигнаа 8, односно 6 поени.
За МЗТ Скопје сезоната почнува за шест дена, кога во спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе гостува словенечки Хелиос Домжале. Македонското првенство треба да почне во првиот викенд од октомври.