Доријан Бабунски е оптимист за стартниот дуел на Македонија против Бугарија во Разград на 2 јуни, во новото издание на Лигата на нациите.
Нашиот репрезентативец одигра одличен циклус натпревари во бугарското првенство, лани и во дресот на Ботев Враца постигна 10 гола.
Потоа зимоска се пресели во унгарски Дебрецин, каде што игра заедно со својот брат Давид Бабунски.
И двајцата ќе бидат на списокот на селекторот Благоја Милевски за четирите натпревари во јуни, против Бугарија, со Грузија и двапати против Гибралтар.
„Имаме одлични резултати во континуитет, во добра форма сме и очекувам Македонија да ја победи Бугарија во Разград“, изјави Доријан за бугарските медиуми.
Додаде дека се надева на добра атмосфера на стадионот во Разград, што е дом на Лудогорец, екипа која доминира во Бугарија во последните години.
Фудбалската федерација на Бугарија одлучи наместо во Софија, да се игра во Разград, а на тоа влијаеше веројатно и политичката ситуација и стравот од инвазија на македонските навивачи во главниот град на Бугарија.
Мечот ќе се игра на 2 јуни од 18 часот, а со овој дуел Македонија го почнува новиот циклус на Лигата на нациите, овојпат во Сегментот Ц.