Француската фудбалска јавност со многу симпатии и радост реагираше на одлуката на Килијан Мбапе да продолжи да игра во домашното првенство, откако потпиша нов договор до 2025 година со Пари Сен Жермен.
Мбапе беше на чекор да си замине и да се пресели во Реал Мадрид, но понудата на ПСЖ од 100 милиони евра веднаш при потписот на новиот договор до 2025 година и плус по околу 60 милиони евра по сезона, со дополнителни бонуси и привилегии едноставно не се одбива.
Реакциите се исклучително позитивни, а дури и тренерите на противничките екипи велат дека е добро што Мбапе ќе продолжи да игра во Лига 1.
„Неговата одлука да остане во ПСЖ е исклучително важна за францускиот фудбал. Јас би рекол дека Мбапе е локомотивата на домашната лига. Ќе бев разочаран ако си заминеше. Лига 1 со него е многу поатрактивна и носи бенефит за сите клубови што играат во Лига 1“, вели Ентоан Комбуаре, кој е тренер на Нант, а во минатото беше и на клупата на ПСЖ во периодот од 2009 до 2011 година.
Сите останати тренери на прволигашите во Франција имаа иста реакција, па останувањето на Мбапе во ПСЖ го коментираа како голем бенефит за францускиот фудбал и за популарноста на Лига 1.