Една од најголемите фудбалскии ѕвезди во селекцијата на Бразил, Нејмар, во свој стил го изведе пеналот во 77. минута за победа на Кариоките од 1:0 против Јапонија на пријателскиот меч што денеска се играше на Олимпискиот стадион во Токио.
Нејмар стандардно си „цупкаше“ со ситни чекори пред да шутне од белата точка, но сигурно ја погоди мрежата на Јапонците за минимален триумф против домаќините пред повеќе од 63 илјади гледачи.
Двете репрезентации се подготвуваат за настап на Мундијалот во Катар што ќе се игра во ноември и декември годинава.
Бразил како најтрофејна фудбалска нација со пет пехари на Светските првенства повторно ќе биде еден од фаворитите за шампионската круна, а е во Г групата со Србија, Швајцарија и Камерун.
Јапонија е во Е групата со Германија, Шпанија и Костарика, или Нов Зеланд, две селекции што треба да играат меѓусебе за билет во оваа група.